Матка зависи само од општина Сарај, државата се прогласи ненадлежна за дивите платформи

Никој не е надлежен да го спречи дивеењето на Матка освен Општина Сарај која со години не ги чепка дивите платформи и градби во кањонот, пренесува СДК.

Откако градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кажа дека Градот нема ингеренции да ги урива, од Министерството за транспорт и врски се изјаснија дека за дивоградбите на Матка треба да дадат став од Државниот инпекторат за градежништво и урбанизам, а вчера и оваа државна институција заедно со Инспекцискиот совет заклучиле дека се ненадлежни оти се работело за градби од локален карактер односно за платформи и монтажни објекти. Како ненадлежна државата нема намера да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Сарај заради тоа што не постапува, односно не ги руши дивите објекти. Напротив тие продолжуваат да се градат.

„На 22 февруари имавме состанок со Инспекцискиот совет за случајот со платформата на Матка. Инспекторатот во рамките на своите надлежности, а согласно одредбите од Законот за градење се изјасни како ненадлежен за постапување, бидејќи урбаната опрема и монтажно-демонтажните објекти не претставуваат градба од прва категорија согласно законот за градење. Оттука Инспекторатот нема право да излегува и да врши инспекциски надзор за објекти кои се од локално значење“, изјавија  вчера од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети дури вчера, три недели откако САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека на Матка никнуваат нови диви платформи се огласи и рече дека дивоградби во кањонот има неколку кои постојат со години и ќе бара правна рамка да се решат не сакајќи да прецизира дали тоа значи дека ќе се легализираат.

„Во моментов ниту една од платформите нема регулирано правен статус. Дополнителен проблем е пештерата која има врата, а никој не знае кој ја поставил. Јас сакам во пакет да ги решиме и ќе барам поддршка и од други институции. Ќе преземеме постапка како за други предмети. Станува збор за чувствително место, треба да внимаваме да не ѝ наштетиме на Матка, но и да се зачува угледот и развојот на туризмот“, изјави градоначалникот Беџети.

Беџети му одговори и на Шилегов кој го повика да почне да си ја врши работата за која е избран од граѓаните и да ги урне платформите за кои Град Скопје нема дадено дозвола за постапување. „Избрзана му е изјавата, не држи. Петре треба да ги види другите надлежности кои ги има, а не да се занимава со надлежностите на Општина Сарај“, му порача Беџети на градоначалникот на Скопје.