Матично два месеци е без директор - нема изводи ниту венчавки

Веќе два месеци Управата за водење на матичните книги нема овластен потписник.

Наскоро може да престане издавањето на на изводите од матичните книги на родените, умрените и венчаните, зашто обрасците на кои се печатат се при крај, алармираат вработени во Управата за водење матични книги. Нова набавка не може да се направи,а над 500 вработени се без плата, бидејќи оваа институција нема директор, пренесува Вечер.

Вработените велат дека се трудат да се избегнат најстрашните последици, но ниту еден од шефовите не сака да ризикува и да направи набавка за која нема овластување, па апелираат до надлежните што поскоро да постават директор. Зашто, ако навистина се случи да не може да се издаваат изводите од матичните книги, тогаш ќе се закончат оставинските, судските и извршните постапки за чие водење тие документи се неопходни.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, за весникот информирал дека ситуацијата во матичната Управа наскоро ќе добие разрешница.

– Ќе има решение за ситуацијата наскоро, во интерес на вработените и постапките ќе се откочат, напишал тој во СМС-порака. Тој истото го изјавил и пред речиси еден месец, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.