Во чест на 90-годишнината од раѓањето на авторот на „Дениција“, Петре М. Андреевски, следната недела издавачката куќа „Матица македонска“ ќе ја организира најголемата книжевна прослава на љубовта досега.
Во среда, со почеток во 19 часот, во Паркот на книгите на „Матица ексклузив“ ќе се одржи големата промоција на книгата „Македонска љубовна лирика“ од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, и двајцата од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На настанот, стихови ќе интерпретира актерот Роберт Вељановски, а ќе има и музичка програма на Драган Мијалковски.
„Македонска љубовна лирика“ е книгата што ни ја враќа вербата дека и во нашево време може вистински да се љуби и македонската поезија да се чита со страст. Станува збор за најобемниот тематски избор од современата македонска поезија, во кој на 500 страници се напишани 350 најубави љубовни песни од македонски современи поетеси и поети од сите генерации.
Ова издание, единствено од ваков формат и различно од сите други објавени претходно, е книга којашто потврдува дека нема поголема движечка сила од љубовта којашто може да ги обедини различните генерации, поетики, писма, поетеси и поети. Но и којашто ја покажува моќта на македонскиот јазик. Затоа се очекува нејзината промоција да нѐ обедини сите.