Масовна акција за чистење диви депонии во сите скопски општини

На 24.04.2019, со почеток во 10 часот, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ќе започне масовна акција за чистење диви депонии. Акцијата ќе се одвива истовремено во сите скопски општини, во неа ќе учествува администрацијата на Претпријатието и општините, студентите од сите скопски универзитети, претставници од невладиниот сектор, како и средните и основните училишта.

Целта е подигнување на јавната свест за штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии што директно ја загрозуваат животната околина и претставуваат закана за здравјето на граѓаните.

Ве покануваме и вас на 24.04.2019, со почеток во 10 часот, да го проследите почетокот на масовната акција за чистење диви депонии на локацијата во општината Центар (пред хотелот ВИП, спроти МТВ) и со вашето присуство да ни помогнете да упатиме апел до граѓаните за важноста од совесното постапување со отпадот.

Почетокот на акцијата ќе го означи директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани, во присуство на в.д амбасадорката на САД во РСМ, г-ѓа Микаела Швајцер Блум, амбасадорот на Франција во РСМ, г. Кристијан Тимоние, градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на о. Центар, Саша Богдановиќ, претставници од Стопанската комора на РСМ, професори и студенти од Економскиот факултет, Универзитетот на ЈИЕ, Универзитетот Мајка Тереза и Балканскиот универзитет, како и директорите на сите јавни претпријатија при Градот Скопје.