Маскирани разбојници со пиштоли извршиле вооружен грабеж во продавницата „Нептун“

Вечерва се случил вооружен грабеж во продавницата за бела техника „Нептун“, лоцирана во склоп на националната арена „Тоше Проески“ во Градскиот парк во Скопје.

Според информациите, околу 20:30 часот, двајца маскирани разбојници влегле во продавницата, вооружени со пиштоли. Првата реченица што ја кажале била: „Вадете ги парите од касата, ако некој викне полиција сите ќе ве убиеме“.

Од министерството за внатрешни работи го потврдуваат случајот. 

„Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје вечерва лишија од слобода две лица кои малку пред тоа извршиле разбојништво во продажен објект во градскиот парк. Веднаш по добиената пријава, беа преземени соодветни мерки и активности. Сторителите се лишени од слобода и во содејство со ОЈО ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата.

По кратко време, интервентната полиција пристигнала на местото на настанот, а по потера низ Градскиот парк, успеала да го фати еден од разбојниците, додека другиот успеал да избега.