Mаски и скулптури од Западна Африка за првпат во Македонија

Маски и скулптури од дрво, ткаенини кои се приказ на обредните и ритуални аспекти на народите кои живееле во Западна Африка, се дел од изложбата “Духовите на Африка”, која македонската јавност ексклузивно ќе може да ја види од денеска (20 часот) во Музејот на Македонија.

Изложбата содржи околу 75 предмети, кои презентираат уметност на народите кои денес ја населуваат Буркина Фасо, Мали, Гвинеја, Нигерија и Брегот на Слоновата Коска, а кои се дел од колекцијата на Музејот на африканскта уметност од Белград.

Според Александра Продановиќ-Бојовиќ, кустос од Музејот на африканска уметност во Белград, станува збор за традиционална уметност, врзана за ритуалниот живот на луѓето од некогашната традиционална заедница во Африка. “Тоа е колективна уметност која може да покаже и да ги претстави културните вредности, митовите и преданијата на овие афрички заедници, а посетителите можат да го видат не само ликовиот израз, туку да осознаат за идеите и за начинот на размислување и погледот на свет на тогашната африканска заедница“, изјави за “Вечер“ Продановиќ-Бојовиќ. Освен експонатите, според неа, изложбата ќе содржи и документарен сегмент, кој е посветен на Веда и Здравко Печар, кои се иницијатори на Музејот во Белград, и заради кои е основан овој музеј во 1977, кога тие ја донирале својата колекција од околу 1.200 предмети од африканската уметност на градот Белград.

“Здравко Печар, како амбасадор во Мали и Гана и неговата сопруга во 70-тите престојувале во Западна Африка, и тогаш направиле фотографии, а дел од нивната фотоархива ќе се претстави и на изложбата“, истакнува Продановиќ-Бојовиќ, која посочува дека овие предмети кои се дел од изложбата имаат уметничка вредност, но тие не се правени да бидат уметнички дела во вистинска смисла на зборот.

“Овие предмети имале своја употреба во одредените церемонии, од кои најголем дел биле од релегиозен карактер. Најмногу има маски, бидејќи религиските ритуали се одвивале преку маскирање на играчите, кои исто така го прекривале и своето тело со некаква билна прекривка. Ликовите кои ги има на маските се духовни претстави на натприродни суштества, можеле да имаат и човечки црти, но многу почесто на животни”, ќе посочи кустосот од Музејот од Белград истакнувајќи дека пред се овие обреди биле користени за иницијација кај одредени заедници.

“Покрај ритуалите на иницијација која се однесувала и на момчиња и девојчиња, а во кои децата треба да преминат во постара возраст, се истакнува и церемонијата за подобрување на плодноста на земјата, претежно кај земјоделските народи. Таа е важна особено за време на сеидбата и за жетвата. Во една заедница постои посебна духовна претстава како културен херој кој ги научил да ја обработуваат земјата и сите маски кои оваа зедница ги користела е во ликот на тој културен херој. И култот на предокот е еден од најважните кој ритуално се одбележува. Тоа е оддавање почест на предците бидејќи се смета дека тие ја штитат заедницата и затоа на нив им се посветуваат олтарите. Кај народот Догон во Мали, кои живеат во особено сушна средина, на бравите на амбарите каде што ја чуваат храната го имаат духот на предокот за да ја штити храната“, додава Продановиќ-Бојовиќ.

За координаторот и иницијаторот на изложбата, Гоце Наумов, оваа изложба која дава приказ на обредните аспекти на народите кои живееле во Западна Африка, е ексклузивна можност за посетителите во Македонија за првпат да се запознаат со африкански предмети.

“Изложбата ќе трае два месеца, а ќе има и придружна програма. Во четврток. во 12 часот ќе зборува Продановиќ-Бојовиќ, за настанувањето на збирката и Музејот во Белград, Илина Јакимовска, ќе зборува за концептот на африканството во западната култура, Тони Китановски, пак, за џезот и африканската музика, а јас ќе имам излагање за скулптурите и маските. Но предвидени се и проекции на играни и документарни филмови за Африка и работилници со студенти и деца”, додаде Наумов кој посочи дека изложбата се реализира во рамки на Скопскиот џез-фестивал и затоа после нејзиното отворање (утревечер, 20 часот) ќе следува концерт на афробит музика во Менада.