Мартинките станаа светско културно наследство

„Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт - Мартинки“ станаа дел од светското нематеријално културно наследство и се впишаа во Репрезентативната листа на УНЕСКО. Ова светско признание Република Македонија, заедно со Република Бугарија, Република Романија и Република Молдавија го доби на 12-тиот состанок на меѓувладиниот Комитет на УНЕСКО, Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, кој се одржa од 3 до 10 декември 2017 година на островот Чеџу, Јужна Кореја.

Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“ е еден од носителите врз чии активности се базира оваа апликација. Во март 2018 ќе се наполнат пет години како „Хаемус“ организира случувања за промоција и задржување на традицијата на мартинките во Македонија, бидејќи ги почитува верувањата и обичаите поврзани со нив и ги негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за нивната поширока промоција и популаризација.

Истовремено во април годинава „Хаемус“ го почна процесот на акредитација како советодавно тело за нематеријално културно наследство од Република Македонија во УНЕСКО. На годинешниот состанок на меѓувладиниот комитет заедно со уште 50 организации од целиот свет „Хаемус“ се најде и на списокот на организации кои бараат акредитација за лиценца од УНЕСКО за заштита на овој вид наследство.

Кога се работи за културното наследство, „Хаемус“ најчесто во јавноста делува преку официјалниот УНЕСКО Клуб „Хаемус“ и настаните ги прави под мотото на УНЕСКО за Отворени Образовни Ресурси.