Марш на сексуалните работници на 17 декември во Скопје

Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР на 17 декември во Скопје ќе го одржи традиционалниот Марш на црвениот чадор, во рамките на кампањата за одбележување Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.

Дванаесеттиот марш ќе започне во 12 часот пред платото на спомен-куќата на Мајка Тереза на улица Македонија.

Оваа година кампањата по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници е посветена на борбата против родово-базираното насилство.

„Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Голем е бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се елиминираат, а тоа ќе го постигнеме само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нивните човекови права и слободниот избор“, велат од СТАР-СТАР.