Марко никогаш нема да биде заборавен: Ново Лисиче денес добива нов спортски центар посветен на младиот ракометар Марко Божиновски

Скопската населба Ново Лисиче денес ќе добие нов спортски центар кој ќе го носи името на Марко Божиновски, младиот ракометар кој почина оваа година. Местото ќе биде вистински храм на спортот, објект кој засекогаш ќе сведочи за еден млад талент и една голема ѕвезда која за жал многу рано престана да свети.

Комплексот ќе биде пуштен во употреба денес, точно на пладне. На отворањето ќе присуствува градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски кој веста ја најави на својата фејсбук страна.

- По стапките на ракометарот Марко Божиновски веруваме дека од Општина Аеродром ќе никнат нови таленти кои ќе ја претставуваат општината, но и Македонија во светски рамки, напиша Муцунски на фејсбук. 

Марко Божиновски беше дел од екипата на ракометниот клуб „Бутел“. Неговиот живот трагично заврши пред 6 месеци на 20 годишна возраст.  Според неофицијалните информации кои беа објавени по смртта, срцето на ракометарот откажало во сон. Смртта настапила само неколку часа по дуелот против Еурофарм Пелистер 2 на кој настапи Божиновски и постигна два гола.