Марин со повик до родителите од Аеродром: Пријавете се за еднократна парична помош за првоодделенчиња

-Ги поканувам родителите што поскоро да се пријават за еднократна парична помош од 3.500 денари што ги доделува општина Аеродром на првоодделенчињата запишани во основните училишта. Овој повик го упатувам со цел првачињата до почетокот на новата учебна година навреме да ја добијат паричната помош од 3.500 денари, вели градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин.

 Одлуката за доделување по 3.500 денари за првоодделенците првпат е донесена оваа година во Општина Аеродром. За оваа намена, Општината има издвоено околу 2.800.000 денари од сопствениот Буџет за околу 800 првачиња.

Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете.

Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со прваче во учебната 2018/2019 година на подрачјето на Општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница www.aerodrom.gov.mk.

Барањата можат да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот во канцеларија број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена за почетокот на учебната година.