
Младиот скијач Марин Ивановски, ученик во осмо одделение во ООУ „Димо Хаџи Димов“, во сезоната 2025/2026 година е прогласен за државен првак во дисциплините слалом и велеслалом, како и за првопласиран во генералниот пласман на Алпскиот куп при Скијачката федерација на Македонија (СФМ), во категоријата до 14 години, споделија од Општина Карпош.
Овој талентиран млад спортист од Карпош оствари одлични резултати и на меѓународната сцена. Марин го освои второто место на меѓународна ФИС-трка за деца до 14 години во дисциплината велеслалом, додека во слалом, на трката во Арџена, Косово, се пласираше на третото место.

Исто така, карпошанката Ена Ивановска, поранешна ученичка во ООУ „Димо Хаџи Димов“, оваа сезона е првопласирана во генералниот пласман на Алпскиот куп при СФМ во двете дисциплини – слалом и велеслалом.
Марин и Ена се долгогодишни членови на Ски-клубот „Меденица“ – Скопје, кој е прогласен за најдобар клуб во алпско скијање во земјава.
„Честитки за Марин и Ена – продолжете храбро по патот кон нови спортски успеси“, им порачаа од Општина Карпош.