Марија раскажува за животот со ХИВ вирус: Тешка и болна приказна со многу солзи

Марија е куќна помошничка која работи за едно семејство во Скопје. Таа веќе 5 години е со својот сопруг и имаат тригодишна ќеркичка.  Дознала дека е ХИВ позитивна кога останала бремена, а од тогаш животот и сменил за 180 степени.  Денес е Светскиот ден за борба против сида, а ние викендов се сретнавме со неа за да поразговараме за предизвиците со кои таа се соочува во животот.

Својата животна сторија ја започнува со информацијата дека на 24 години дознала дека е ХИВ позитивна. 

Сопругот со кој сега е во брак го запознала и почнала да верува дека тој е човекот на нејзиниот живот. Работите се одвивале една по друга.  Во текот на бременоста потребно било да се направат дополнителни испитувања на крв кои за жал покажале факт кој ги срушил сите планови во нејзината глава. Тестот покажал дека таа е ХИВ позитивна.  Информацијата ја чувала само за себе и својот сопруг.  Било тешко да знаеш дека имаш смртносна инфекција која може да ја пренесеш на своето дете, односно на твоја прва – вистинска љубов.

Фактот дека во себе го носи ХИВ вирусот било причина раѓањето на ќеркичката Лара да се изведе со царски рез.

Така ризикот за пренесување на вирусот е помал, вели Марија. 

Како резултат на антиретровирусната терапија која ја земала, Лара се родила мала и прилично неразвиена.  

Стигматизацијата и реакцијата од луѓето

На прашањето зошто го крие својот здравствен статус од другите луѓе, таа вели дека е загрижена од реакцијата и стигматизацијата на луѓето. Не сака другите да ја покажуваат со прст и меѓусебно да шепкаат дека е ХИВ позитивна.

Еден ден семејството во кое работела забележало дека Марија е значително ослабена по што предложиле да ангажираат уште еден човек кој би и помагал во нејзините обврски.  Во тој момент таа им открила дека е бремена и истовремено дека во себе го носи ХИВ вирисот.

Реакцијата од претпоставените било вистинско изненадување за Марија. Тие биле свесни дека ќе мора да замине од таму и да се посвети на тоа ќеркичка да биде здрава и жива.

Најпрво таа ме прегрна силно во знак за поддршка, потоа го викна својот сопруг. Сите заедно заплакавме. Не можам да опишам колку полесно ми беше, таа вечер спиев мирно, раскажува Марија.

Ја прашавме Марија дали се промениле работите, односно дали семејството во кое работела гледало поинаку на неа?

И да и не, вели таа.  На почетокот моравме да им кажеме на двете нивни момчиња околу мојата состојба, потоа преземавме некои превентивни мерки, како употреба на ракавици при мојата работа. Но, генерално односот беше подобар од што очекував. Тие беа малку навредени од фактот дека долго време сум го чувала проблемот само за себе.

Веста за ХИВ вирусот била вистински шок за нејзиното семејство.  Од една страна тие биле навредени што подолго време криела за својот здрвствен статус, а од друга страна шокирани.

Знаете сидата е болест која за жал сеуште не е доволна позната во Македонија. Предрасудите, дезинформациите и стигматизацијата се многу често застапени, вели Марија.

Зошто Марија се реши својата приказна да ја раскаже за јавноста?

Марија сака луѓето да знаат дека таа можела да користи кондом и да не ја пренесе инфекцијата, но тогаш немало да ја има Лара, нејзината ќерка. 

Животот не е перфектен никогаш. Сакам сите кои во себе го носат ХИВ вирусот да знаат дека не сите бегаат и ќе бегаат од нив. Тие што го прават тоа се недоволно информирани за оваа инфекција. Само со ваков разговор и со многу информации да можеме да го промениме тоа, вели Марија. 

Не би сакала и другите да бидат под истиот притисок под кој бев јас додека ја носев мојата ќерка, цел ден на работа да се справуваш со секакви вести и информации поврзани со твојата болест, додава Марија.

За среќа малата Лара не е носител на ХИВ вирусот, но сопругот на Марија е исто така ХИВ позитивен.  Терапијата која ја земала за време на бременоста помогнала Лара да го избегне ризикот од преземање на вирусот.  Но, нејзините информации велат дека вирусот не може да се развие во крвта на детето до 18 месеци, бидејќи тоа сеуште ја носи крвта на мајката. Сепак, вели рано е уште со 100% сигурност да се потврди оваа информација.

Марија вели дека е многу позитивно изненадена од целиот медицински персонал во здравството во Македонија. Сестрите се пријателски расположени и имаат разбирање, вели Марија.  На почетокот терапијата ми создаваше проблеми. Имав вртоглавица, несоница и гадење, но со тек на време тие проблеми се надминаа, додава таа. 

На прашањето што прави таа за да се одржи во добра здравствен состојба, Марија вели дека најважното нешто во врска со живеењето со ХИВ е да го менаџирате добро. Тоа значи земање антиретровирусни (АРВ),  секој ден во исто време, јадење добро и вежбање. Неодамна почнала да трча.

Нема ништо подобро од тоа да се излезе на свеж воздух и да се чувствувам толку жива, иако да бидам искрена, моите првите денови со вирусот се чувствував како да умирам, вели Марија.

Ја прашавме за последните алармантни бројки на новоинфицирани со ХИВ во Македонија. За ова таа вели дека смета дека бројката е за жал поголема. 

Стравот, бариерите, општеството и дискриминацијата за жал се голем проблем. Недуцираност е друга работа на која треба да поработиме, вели Марија. 

На крајот вели дека не сака и не смета дека има потреба за својот статус да говори јавно, покажувајќи го својот идентитет. 

Но, најважните луѓе во мојот живот знаат и сеуште ме сакаат. Ми требаше некое време да се сакам себеси повторно, но сега силно чекорам понатаму во животот, завршува. Битката со оваа болест е тешка и бара многу енергија и време. 

Последната реченица беше придружена со многу солзи. Тоа говори за тешката животна приказна и тешкиот период низ кој поминуваа таа.