Марија „Лајла Грејс“ порачува за делта-сојот: Нормално е вирусите да мутираат, верувајте ѝ на науката

Писателката Марија Јаневска, во јавноста позната и како Лајла Грејс, е медицинско лице кое уште од почетокот на пандемијата се обидува на своите обожаватели, но и пошироката јавност, да ја објасни опасноста од вирусот, но и како науката може да ни помогне сето тоа да го ставиме под контрола. 

Нејзиниот статус на Фејсбук го пренесуваме во целост:

„Делта сојот (B.1.617) или уште наречен индиски сој  е моментално доминантен вид на коронавирус во многу држави, вклучително и Белгија. Во Македонија се појавува дури сега, што според мене е многу доцна, но се претпоставуваше дека ќе пробие кај и да е. Не е никаков супер вирус, туку само има подобар рецептор кој полесно се закачува за нашите клетки и не заразува.

Дали тоа треба да не паничи? НЕ. 
Зошто? 

Бидејќи се следат други параметри кои во моментов се под контрола:
- вкупен број на заразени - не е покачен
- вкупен број на хоспитализации - не е покачен
- вкупен број на смртни случаи - не е покачен

Дали има и вакцинирани кои повторно се заразуваат со новите соеви од коронавирусот? Да.
Дали е тоа страшно? Не.
Зошто? 

Бидејќи поентата на вакцината е да заштити пред сѐ од сериозна белодробна болест која беше причина за “светска пандемија”. Ако коронавирусот го прележуваме секоја сезона како обично сезонско грипче, сме ја постигнале целта. 

За крај, нормално е да има нови соеви од коронавирусот, како што и секој вирус секоја сезона има свој така наречен “доминантен сој” кој циркулира. Нормално е вирусите да мутираат, тоа е нивна нормална еволуција. Па зар ние луѓето не се менуваме генерациски при размножување? 
Затоа вакцинирајте се со првата вакцина што ќе ви стане достапна, верувајте и на науката и уживајте во летото.„