Маратонецот Красимир Георгиев пристигна во Скопје

Петар Шапе, советник во Советот на Град Скопје и член на Комисијата за спорт и млади, и Ангел Ангелов, амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, вчеравечер (16.05.2019 година, четврток), го пречекаа и го поздравија, бугарскиот маратонец Красимир Георгиев.

Скопје е еден од градовите што се дел од ултрамаратонската патека на Георгиев, која месецов ја минува како иницијатива за ултра маратон низ Бугарија, Северна Македонија и Албанија со цел промовирање на добрососедската политика и на унапредените добрососедски односи меѓу трите балкански земји, и на пан-европскиот транспортен Коридор 8.

Трасата на ултра маратонот (кој започна на 7 мај од Црното Море, а ќе заврши на 25 мај во Драч (Албанија), каде што ќе се сретнат премиерите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија), е во должина од околу 1.300 километри, ги сврзува Црното и Јадранското Море, и минува низ 20 града. Ултра маратонот, се одвива под мотото „Поврзување“, и е под покровителство на тројцата премиери: Бојко Борисов, Зоран Заев и Еди Рама.