Мањифико во „Станица 26“

Едно од најинтригантните имиња на музичката сцена во регионов, словенечкиот музичар Роберт Пешут-Мањифико, во април  доаѓа во Скопје, подготвен да приреди незаборавно концертно доживување за македонската публика.


Со својата еклектична музика, дополнета со препознатливиот хумор и иронија, Мањифико важи за една од најистакнатите музички фигури на просторот на поранешна Југославија. Својата музика тој ја опишува како ретрошик, со комбинација на Балкан-дискошлагери и џез.

Неговата музичка кариера, која се протега низ повеќе од три децении, ја обележуваат голем број мегахитови што го освоија целиот Балкан, а со 11-те објавени албуми и повеќе од 1.000 концерти одржани досега тој изгради и успешна меѓународна кариера.

Мањифико ја компонира и музиката за некои од најуспешните филмови во регионов, а негова најпозната соработка на ова поле е со српскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ. Тој е автор е на музиката за неговиот  филм „Монтевидео“, а за време на овие проекти Мањифико соработуваше и со шпанската дива Луз Касал. Исто така автор е и на музиката за популарната серија „Сенки над Балканот“.

Покрај забавниот карактер, неговата музика е критички настроена кон различни општествени проблеми - стереотипи, предрасуди, ксенофобија и хомофобија често се теми во неговите стихови, кои во минатото предизвикаа и големи контроверзии. Во 2016 г. Мањифико го објави албумот насловен „Charlatan de Balkan“, чии песни ги претставува на актуелната регионална турнеја во чии рамки ќе гостува и во Скопје. Билети за концертот има на сите продажни места на „Мк тикетс“. Во претпродажба цената е 300, а на врата 400 денари.