Мане Roots Man од „Conquering Lion“: Пандемијата нѐ потсети да си го најдеме мирот преку уметноста

„Добри људи“ – по овој израз најмногу се познати членовите на реге бендот „Conquering Lion“ од Тетово, кои често така ѝ се обраќаат и на својата публика на настапите. Ведри, насмеани, опуштени – „Conquering Lion“ веќе 15 години градат имиџ на квалитетни музичари кои внесуваат доза свежина на македонското музичко небо.

Доста популарни и надвор од границите на татковината, бендот бележи многу успешни настапи на повеќе фестивали, а има издадено и 5 студиски албуми. Несомнено, може да се издвои нивниот настап на реномираниот музичкиот фестивал „In Music“ во Загреб, а не смеат да не се споменат и нивните настапи како предгрупа на „Manu Chao“ и „Thievery Corporation“.

Како и за сите останати, пандемијата со Ковид-19 го сопре динамичниот развој на настаните во сите сфери, па и во уметноста и музиката. Со враќањето на животот и секојдневието во нормала, постепено се започна и со повторно враќање на настапите во живо на артистите. За тоа каде се во моментов „Conquering Lion“, како им влијаеше пандемијата и што ново подготвуваат, разговараме со вокалот од бендот, Стефан Илиевски – Мане Roots Man.

На што работат „Conquering Lion“ во моментов?

-Во моментов бендот работи на својот нов 6-ти по ред студиски албум кој наскоро би требало биде завршен до крајот на 2022 год. Издавањето на истиот албум е планирано за следната 2023-та година.

Што го одбележа изминатиот период за вас како бенд – имавте и настап на Пиволенд, какво беше чувството да се настапува пред домашна публика?

-Оваа година славиме 15 години од нашето оформување кое го одбележавме со успешен концерт во Младинскиот Културен Центар во Скопје. Потоа следеше еден од позначајните настапи во нашата кариера, а тоа беше настапот како предгрупа на популарните „Thievery Corporation“. Да се настапува пред домашната публика е секогаш чест и задоволство, а посебно македонската публика знае да пружи одлична енергија и знае многу добро да се забавува на вакви фестивалски настани.

Песната која ја сработивте со Дани - „Long Time“, е доста популарна. Зошто се одлучивте на дует, како дојде до соработката и колку сметате дека е важно македонските артисти да соработуваат на заеднички проекти?

-Ние како бенд уште од почетоците сме размислувале за соработки како со странски така и со домашни артисти, започнавме со нашата прва соработка со Јамајканскиот реге артист „Jah Clarity“, а понатаму следеа уште многу други како соработката со домашните рап артисти „Green Out“ итн. Сметаме дека меѓусебната соработка на артисти како од исти, така и од различни жанрови е есенцијален елемент во развојот на еден артист/бенд. Ваквите соработки носат многу придобивки како креативност, запознавање со жанрот/стилот и културата на другиот артист, разменување на фан базите, заеднички настапи итн. Кога го создадовме првото демо од песната „Long Time“ веднаш знаевме дека недостасува женски вокал, а бидејќи досега немаме заедничка песна со македонски женски артист се одлучивме да ја поканиме Дани, која без колебање прифати и одлично го сработи својот дел во песната. Понатаму се одлучивме да направиме и видео запис за истата кој што беше премиерно издаден во декември 2021.

Каква е состојбата воопшто во музичката индустрија во земјава? Колку има интерес за реге музиката?

-Генерално состојбата во која се наоѓаат авторските бендови во Македонија не е на идеално ниво, пред се бидејќи е тешко да се најде сериозен издавач кој ќе му посвети внимание на артистот и ќе му помогне да ги реализира своите идеи, дали е тоа преку медиумска поддршка, финансиска или пак логистичка. Затоа и многу бендови/артисти во земјава се развиваат и менаџираат сами. Оваа ситуација полека се менува затоа што се раѓаат се повеќе нови артисти од различни жанрови а со нив и нови букинг агенти, продуценти, организатори и слично, така што сигурно во следниве неколку години сликата ќе биде многу подобра. Што се однесува до реге музиката, мислам дека реге правецот е доста слушан во нашава земја и блиските соседи, а она што недостасува е бар еден реге фестивал со целосен фокус на реге изведувачи и културата што ја носи оваа музика.

Дали можеби поддршката од државата во културата не е доволна за артистите да опстанат и создаваат нови проекти?

-Секогаш може повеќе и подобро, а секоја помош е добредојдена. На пример, многу полесно би му било на еден уметник кога би знаел дека државата ќе му помогне да реализира еден проект, како што напоменав погоре, кога еден уметник нема помош од издавачот, продуцентот, менаџерот тогаш истиот мора да се самофинансира за да ги отствари идеите, а било каква помош би му помогнала многу.

Колку е важно во вакви предизвикувачки времиња да се потпреме сите на уметноста, културата, музиката?

-Луѓето не смеат никогаш да се оддалечат од овие вредности, затоа што уметноста и музиката поврзуваат на еден подруг начин, меѓусебно се развиваат, културно издигнуваат и откриваат нови хоризонти. Мислам дека пандемијата нѐ потсети да си го најдеме мирот преку ваквите вредности...некој преку книга, некој преку сликање, некој преку музика, па сметам дека многу е важно да се негуваат овие вредности.