
Долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал на 16 август. „Добри луѓе“ и ќе се натпреварува во Официјалната селекција за награди на фестивалот, кој е најреномиран во Југоисточна Европа.
Манчевски го сними овој филм во знак на почит кон жртвите и хероите од Кочани. Во него преку исповедите на преживеаните, семејствата на жртвите и хероите кои спасуваа животи зборува за болката, солидарноста, човечноста и силата на заедништвото во мигови на незамислива трагедија.
Наместо класичен документарен пристап, Манчевски се одлучи за минималистичка форма, во која речиси целосно им го препушта просторот на човечките приказни.
Во интервју за српски „Блиц“ споделува дека најважно било да се стекне довербата на соговорниците, пристапувајќи им со почит и отворено срце, потпирајќи се исклучиво на вистината на нивните лични искуства.
На прашањето „Ако би сакале публиката по гледањето на документарниот филм „Добри луѓе“ да запамети само една реченица, која би била таа?“, славниот режисер вели:
- Ги има многу. Некои од нив ги издвоивме и ги испишавме на екранот во текот на филмот. Ме прогонуваат две слики што ги опиша Ана, една од соговорничките. Во првата раскажува како, додека во клубот сѐ уште било мирно и сѐ било во ред, чекала во редица зад едно момче и случајно го допрела по грбот. Ја почувствувала неговата топлина, неговата убава енергија. Подоцна истата вечер го видела како лежи на паркингот. Му пришла и го допрела неговото студено тело. Таа зборува и за тоа дека секогаш кога оди кај сестра ѝ, го прегрнува својот петгодишен внук. Но по трагедијата не сакала, не можела да го прегрне, бидејќи се чувствувала како да е загадена од допирот со толку многу смрт.
Подоцна сфатила дека не е таа загадена, туку дека нејзиниот допир бил благороден – затоа што токму тој бил последното убаво нешто што им се случило на луѓето кои ги загубиле животите.