Манастирот Св. Илија - на 10 километри од Скопје, вистинска убавина и мир

Пролетните, сончеви денови се вистински и прав момент за шетање. Ако се љубители на убава природа, ако сакате мир и тишина, тогаш оваа место е вистински избор за вас.

Селото Мирковци (Општина Чучер Сандево) се наоѓа на падините на Скопска Црна Гора, југоисточно од селото Кучевиште и југозападно од селото Бањани.  За убавините на оваа место и за манастирот, порталот Македонска Нација има прекрасна репортажа, после која, веднаш ќе сакате да го посетите.

Селото е оддалечено од Скопје околу 10 километри. На јужната страна од селото се наоѓа излетничкото место Чардак и манастирот Св.Илија кој плени со својата убавина. Манастирот е изграден пред почетокот на Втората Светска Војна, на местото кадешто постоеле остатоци од стариот манастир. За овој манастир во триесетите години на минатиот век Георги Трајчев ќе напише:

„Близу до селото Мирковци, кај месноста Сливовик, на растојание два часа од Скопје, се наоѓа Мирковскиот манастир Св. Илија. Тој е основан  во 1879 година од монахот Софрониј, родум од селото Мирковци, на сопствено земјиште кое го владеел со тапија, како целосен сопственик, и кој по смртта премина како целосна сопственост на син му Иван, кој останува управител на манастирот. Благочастивиот монах го гради манастирот од религиозни побуди – за спасение на душата и да стави крај на прогонувањата на кои беа изложени (егзархистите) од скопско по создавањето на Егзархијата, а кои одеа на поклонение во патријаршискиот манастир св. Илија во село Бањани, на оделеченост од 1 час од Мирковци. Софрониј поради тоа со умисла го нарече манастирот Св. Илија, за да ги отргне посетителите од Бањанскиот манастир св. Илија. До 1905 година србоманите (патријаршисти) го посетуваа Бањанскиот манастир Св. Илија. По таа година, охрабрената пропаганда од својот успех да ги посрбува селата, со скапи поткупи и содејство на турските власти, намислува да стави рака и на Мирковскиот манастир, кога ги тера србоманите да го посетуваат (егзархискиот) манастир и да бараат учество во службата, управување и т.н. Така се поставија основите на жестоката борба за владение на манастирот, која борба продолжи до крајот на самата турска држава – 1912 г. Соборот станува на „Светли Петок“ и на св. Илија.

... На 29 март 1912 година, на соборот во Петок на Велигден, србоманите предводени од протата на скопскиот српски владика и службеници од српскиот конзулат, се сместуваат во манастирот од вечерта како стопани. Само на силните протести на егзархиската митрополија и ... населението, беа спречени српските стремежи. Сепак, власта тврди дека манастирот не бил владеен со официјални документи ниту од егзархијата, ниту од патријаршистите, затоа мора да има алтернација (мешани – н.з.) во службата и управувањето со манастирот.

Бидејќи манастирската црква е многу мала, таа е едно параклисче од стара црква, а манастирот е многу популарен со својот извор на вода, егзархистите решиле и се подготвуваа да градат нова црква. Но и тука властите смислено попречуваа, за да не се допушти со тоа правото на егзархистите на полновластни господари на манастирот. Манастирот е основан пред 60 години (околу  1873), по право е возобновен и поради изворот на лековита вода стана доста популарен  и беше масовно посетен од градското население. Тој беше во владение на егзархистите, но бидејќи во селото Мирковци имаше србомани, последните искажаа претензии за манастирот. По Хуриетот (1908 г.) комисијата по спорните црковно-училишни имоти, го призна манастирот за егзархиски.“