МАН: Собранието да ги избере новите членови во советите преку постоечкиот закон

Македонската асоцијација на новинари (МАН) не е изненадена од обидот на власта за партиска контрола врз медиумите во Македонија и со загриженост го следи процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници од власта.

Во овој предлог се бара изборот на членови на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието на РСМ да биде со 61 пратеник, односно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско мнозинство, како што е тоа уредено со постоечката регулатива.

Дека власта сака целосна партизација на МРТВ и АВМУ покажува и фактот дека крајно нетранспарентно, без одлука на Собранието, владеачките пратеници самостојно одлучија да го поништат претходниот конкурс за избор на членови на Советите на МРТВ и АВМУ.

Пред евентуално да се размислува за какви било промени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, неопходно е Собранието да ги избере новите членови во советите преку постоечкиот закон.

Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не е само желба за контрола врз МРТВ и Агенцијата за медиуми, туку обид за контрола врз сите медиуми во Македонија со просто мнозинство од 61 пратеник, бидејќи токму АВМУ е надлежна за контрола на нивното работење.

Принцип е кога се менува закон со кој одлуки се носат со двотретинско мнозинство, и менувањето на тој закон да е со 2/3 мнозинство.

Ако мнозинство со 61 одлучува за сите медиуми во државава тоа е партиска одлука од интерес за само една политичка страна, а тоа е страната на власта.

Медиумите припаѓаат на јавноста, на сите, и затоа досега, а треба и во иднина, решенијата за регулација на медиумите да бидат со што е можно поширока поддршка, со 2/3 мнозинство гласови во Собранието.