Малверзации на странски државјанин ја чинеле Македонија над 11 милиони евра - од нив, над 9 милиони се пропаднати ИПА средства

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против странски државјанин со иницијали С.Г.О.Б., во својство на сопственик и управител на правно лице, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.

Како што соопшти Финансиската полиција, пријавениот ги прекршил прописите при реализацијата на проектот „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Кичево“, за кој во 2023 година бил склучен договор со Министерството за финансии во рамките на ИПА II програмата за животна средина и климатски акции.

Иако бил должен да обезбеди важечка банкарска гаранција, тој го прикрил стечајот на азербејџанската банка „Муганбанк“, која ја издала гаранцијата, со што не открил дека повеќе не располага со валиден инструмент за обезбедување на договорот.

Меѓу другото, без претходно одобрение од Министерството за финансии и надзорниот орган, ангажирал подизведувачи спротивно на договорните обврски и условите за реализација на проектот. Поради утврдените неправилности, договорот бил раскинат.

Со горенаведените дејствија пријавените предизвикале штета на буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 127.425.036 денари, како и штета по основ на загубени ИПА средства во износ од 9.474.132 евра, кои државата ќе треба да ги обезбеди од сопствени средства, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.