Малолетни мајки, малолетни родители - деца чуваат деца

Малолетни мајки, малолетни родители. Ова е една реална слика за малолетничката бременост во Македонија.

21 век, кога секој многу лесно може да дојде до било каква информација. Време кога на децата уште од мала возраст им се укажува кои се последиците од незаштитениот сексуален однос, Но, и покрај се што им е сервирано, денеска пак има деца кои стануваат родители.

Се повеќе деца раѓаат деца. Податоците од минатата година велат дека има околу 1.700 деца под 19 години што се одлучуваат да родат дете. Во родилиштата во Скопје потврдуваат дека нивната практика покажува дека се’ повеќе се појавуваат деца што ја истеруваат бременоста до крај.

Овие деца го загрозуваат сопственото здравје, бидејќи не е исто да раѓа жена со веќе развиени репродуктивни органи, и девојка која е во пубертет и во развој, каде што хормонскиот статус не е се’ уште избалансиран. Кај овие родилки најчест здравствен ризик е зголемен крвен притисок или, пак, може да има и други здравствени проблеми со срцето.

Овие малолетни мајки најчесто децата ги оставаат на посвојување, многу ретко се случува да се одлучат да го чуваат бебето, со исклучок ако немаат поддршка од родителите.

Малолетните мајки се од различни националности, но доминираат оние од ромската.

Да го родат детето, овие малолетни мајки се одлучуваат, како што велат гинеколозите, зашто на почетокот бременоста ја кријат од родителите, па кога ќе почне да се познава стомакот, веќе е доцна да се интервенира. Друг проблем е што за да се направи абортус на малолетничка, Законот бара да се има писмена согласност од родителите. „ А, зошто кријат од родителите, за на крај да мора да го родат“, велат гинеколозите.

Проблемот, според стручњаците и невладиниот сектор, е што младите се сексуално неинформирани или, пак, погрешно информирани. Ова го покажуваат и анкетите на невладините организации. Само 13,5 отсто од младите користат некаков вид контрацепција, а исто толку млади ги посетуваат советувалиштата за сексуално и за репродуктивно здравје, каде што, освен совети, може да добијат и бесплатни кондоми и антибеби таблети. Поради тоа, децата треба сексуално да се едуцираат од најрана возраст.