
Терористичките организации ИСИС и Ал Каида и понатаму претставуваат потенцијална безбедносна закана за Македонија, особено поради геостратешката положба на земјата и регионалните транзитни правци. Сепак, домашните безбедносни и разузнавачки служби имаат капацитети за навремено откривање и спречување на потенцијални терористички активности, оцени професорката по криминалистика Марина Малиш Саздовска во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според неа, ефикасната борба против тероризмот бара континуирано разузнавачко работење, прибирање информации на терен и соработка со меѓународните партнери. Таа ја истакна и важноста на членството на Македонија во НАТО, кое овозможува размена на класифицирани информации со сојузничките служби.
Како пример за меѓународна соработка ја посочи операцијата „Ќелија 3“, нагласувајќи дека целта е потенцијалните закани да се откриваат уште во фазата на планирање, пред да се случи напад.
Малиш Саздовска се осврна и на проблемот со странските борци кои заминувале на боиштата на Блискиот Исток, а потоа се враќале во матичните држави. Таа посочи дека законските измени создале основа за кривично гонење на одредени облици на учество во странски воени и паравоени формации.
Според професорката, терористичките закани не познаваат државни граници, поради што постојаното следење на ризиците, размената на информации и координацијата меѓу институциите се клучни за превенција.