Мала материјална штета и заматена вода за пиење по серијата земјотреси во Гостивар и Маврово

Земјотресот го исфрлил од кревет пензионерот Јовче од село Леуново. Неколку секунди се тресело вертикално и тој веднаш излегол надвор. Епицентарот е на 500 метри од неговата куќа. Утрото го поминале надвор заедно со неколкумина мештани кои живеат во селото.

Во куќата на Јовче нема посериозни штети, но водата не е за пиење. Од утрово тече со жолто кафена боја и излегува песок од цевките.

Пукнатини на ѕидовите се појавиле во неколку куќи од овој крај. Комисија од општината ќе ги проценува штетите.

Во ЦУК пријавиле штети и жители на Гостивар, Тетово, Скопје.

Земјотресот со магнитуда од 5 степени по Рихтер ги разбуди граѓаните од повеќе краишта низ земјава.

Екипи од Центарот за јавно здравје утре ќе земат мостри од повеќе места за да ја испитаат водата за пиење.

Серија потреси се регистрирани по првото тектонско поместување утрово. Уште еден посилен потрес беше почувствуван околу 15 часот, овој со јачина 4.7 степени по Рихтер, а епицентар во близина на националниот парк Маврово. По него следеше уште еден од 4 степени.

Земјотресите предизвикаа и поголем одрон на патот Маврово - Дебар.