„Македонско девојче“ доби рокенрол-инструментална верзија, спотот ќе се снима во Скопје

Фронтменот на Дивље Јагоде својот соло-проект го започна со реализација на рокенрол верзија на нашата легендарна „Македонско девојче“.

Една од најубавите македонски народни песни – „Македонско девојче“, како инструментална верзија на Зеле Липовача, основачот на Дивље јагоде, е првиот сингл од неговиот нов, трет по ред соло-албум, работно насловен „You Are the Wind and I’m the Flame”, кој под закрилата на Croatia Records светлината на денот треба да ја здогледа оваа есен, 2021-ва година.

Во својот препознатлив стил, емотивно и искрено, Липовача со „Македонско девојче“ проникна во самата суштина на македонскиот музички код, кој во комбинација со неговата вонвременска гитара, повторно даде врвен резултат.

Зеле Липовача, голем вљубеник во Македонија, одамна размислувал за својата верзија на оваа извонредна тема, а сега со помош на пријателите, реализацијата беше само формалност.

Уникатната изведба на песната „Македонско девојче“ не можеше да помине без македонските синови, славните музички браќа Гаро и Диран Тавитјан на тапани и тастатури, а на кавалот е и Александар Јовевски.

За песната беше претставено и визуелно видео во продукција на тимот на CroRec Digital, додека официјалниот видео-спот наскоро ќе се снима во Скопје.

Песната е снимена во студиото „Парамециум“ во Скопје и студиото „Шишмиш“ во Велика Горица, миксот и мастерингот ги направи Швиги, а продуцент беше Зеле.

Засега песната има визуелно-уметничко видео, а во исчекување сме на новиот спот.