
Македонските затвори се соочуваат со проблемот на пренатрупаност, поради што повторно се актуелизира прашањето за поширока примена на алтернативните мерки и можноста за амнестија за одредени категории осудени лица.
Според податоците објавени од „360 степени“, во КПД „Идризово“ се сместени 1.296 осуденици, иако капацитетот на установата е 1.187 места. Во затворот во Штип има 211 осудени лица на капацитет од 139 места, додека во Прилеп се сместени 134 лица при предвидени 108 места.
Директорот на КПД „Идризово“, Зоран Јовановски, посочува дека зголемувањето на бројот на затвореници ги зголемува и трошоците за сместување, храна, вода и електрична енергија. Тој најавува дека ќе достави до надлежните институции анализи за можните ефекти од амнестија.
- Убаво би било пак да се даде некоја амнестија за некои одредени кривични дела за да се намали бројката, меѓутоа тоа сепак е работа на политичарите, вели тој за „360 степени“.
Како едно од можните долгорочни решенија се посочува поголемата примена на алтернативните санкции, меѓу кои и пробацијата – мерка што овозможува осудените лица да останат на слобода под надзор и со обврски утврдени од надлежните институции.