Македонските туристи се седми по бројот на ноќевања во Србија, а петти во однос на потрошувачката

Директорката на туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ вчера на „Работилница Б2Б“ кажа дека македонските туристи се седми по бројот на ноќевања во Србија а петти во однос на потрошувачката. Според бројките од нивната туристичка организација минатата година се реализирале 260 илјади ноќевања.

На настанот биле присутни 36 претставници на туристички агенции и осум локални туристички организации, со цел и ние да ги претставиме нашите понуди во однос на понудите од Србија.

„Веруваме дека токму преку вакви работилници и поврзување на туристичките агенции можеме да го зголемиме туристичкиот промет меѓу двете земји и да покажеме уште подобри резултати во следниот период. Сега ни претстои зимска сезона и ги повикувам сите да дојдат во Србија и да уживате во зимскиот одмор оваа година во Србија“, рече Лабовиќ.

Прашана кои места македонските туристи најмногу ги посетуваат во Србија, таа одговори дека планинските центри се атрактивни, но Белград е секогаш меѓу најпосетуваните градови.

„Нашите планински центри се многу атрактивни. На првото место е Копаоник и Златибор, а во однос на градовите, Белград е секогаш најпосетуван кога се туристите во прашање, односно над 80 проценти од сите ноќевања на туристите се реализирани во Белград. Примамливи се и нашите бањи, Луковска, Крушумлијска бања која работи втора година, Врњачка бања, Соко бања, Атомска бања.. Ниш, а има и еднодневни посети во југот на Србија, Врање, Лесковац“, рече Лабовиќ.

Напомена дека српските туристи во Северна Македонија најмногу ги посетуваат Охрид и Скопје.