Македонските свадбени обичаи се применуваат со децении, за дел од нив не се знае значењето

Свадбените обичаи се дел од традицијата на секој народ. Тие се главен белег на секој крај и она што ја прави секоја свадба различна и посебна.

Во деновите пред свадбата и на самиот ден се прават обичаи кои имаат за цел, според народните верувања, да ги заштитат младите, да им донесат среќа и љубов и да ги соединат во едно семејство.

Постојат различни начини на изведување, различни верувања и обичаи кои се наследени од различни краеви.

Во Македонија, речиси секој град има барем по некој различен обичај кој се прави пред или за време на свадбата. Често младите и не знаат што мора, што треба и каде – како се изведува. Но, она што ги обединува сите е верувањето во среќата и традицијата.

Тука ги издвојуваме повеќето македонски свадбени обичаи од различни краеви како наше посебно културно богатство:

- Замесување лепче за среќа на младите ден пред свадбата. Тоа треба да биде немажено девојче од женска страна.

- Китење на куќите на младите во четвртокот пред свадбата со поставување венец на надворешната врата кој ќе стои цела година, како знак дека таа фамилија правела свадба.

- Кога доаѓаат сватовите кај невестата две девојчиња стојат пред влезот и ги китат со китенки, мажите на лева страна, а жените на десна, а тие оставаат пари.

- Сватовите и кумот прво одат во домот на младоженецот, играат ора, пеат песни, па тргнуваат по невестата.

- На вратата на невестата стојат машките членови на фамилијата кои не го пуштаат младоженецот веднаш да влезе додека не плати или не биде упорен во туркањето на вратата.

- Кога ќе влезе мора три пати да ја бакне невестата.

- Во некои краеви пред да влезе младоженецот, невестата од прозорецот или од вратата го гледа низ вереничкиот прстен три пати изговарајќи: „Низ прстен те гледам, во срце да ти влезам!“

- Откако ќе влезат младоженецот, кумот, деверот и сватовите, едно немажено девојче од женската страна треба на деверот да му врзе машна на едната рака. Кога ќе заврши со врзувањето еден од двајцата треба да биде побрз, или девојчето да му удри шлаканица на деверот или тој да ја бакне.

- Деверот ги носи невестинските чевли кои се еден број поголеми, па за да ѝ бидат точни на невестата треба да ги полни со пари.

- Невестата треба да ги дарува кумовите, старосватите, свекорот, свекрвата, деверот или золвата и некои од сватовите со подароци.

- Младоженецот треба да испие чаша црвено вино во куќата на невестата, а на дното на чашата треба да има златник кој младоженецот го задржува како симбол за благосостојба.

- Над главата на младите се крши погача за среќа.

- Сите седнуваат на трпеза да наздрават, па со ора и песни ја пречекуваат невестата надвор додека ја изнесува нејзиниот татко.

- За лесно да им „оди“ во бракот, на излезот, невестата треба да шутне стаклена чаша со вода.

- Кога одат во црква, покрај пеењето и венчавањето на попот, кумот носи платно кое им го врзува околу рацете и колку пати ќе го врзе - толку деца ќе имаат.

- Кога излегуваат од црквата свекрвата фрла по патот ориз, бонбони и парички кои треба да ги собираат мали дечиња, како симбол за богатство и благосостојба.

- Во матично по склучувањето на бракот сите присутни им честитаат на младоженците, поздравувајќи се и им даваат пари, а на излезот се почестуваат со бонбонче.

- Во ресторанот, младенците ги пречекуваат гостите, па го играат првиот свадбен валцер на нивната омилена песна.

- Заедно со кумовите и старосватите наздравуваат со шампањско.

- Потоа почнуваат сите ора кои траат сè до послужувањето на вечерата.

- По вечерата се сече невестинската торта и се делат невестинските бонбончиња. Ред за торта треба да чекаат сите немажени и неженети.

- На крај невестата го фрла бидермаерот, оној кој ќе го фати се верува дека следен ќе прави свадба.

 

 

 

 

nike air max 1 sale