Македонските ракометни кадети убедливи против Италија, следен предизвик е Турција

Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија оствари убедлива победа од 33:23 против Италија на Европското првенство 2026, кое се одржува во Србија.

​​​​​​​

Македонските ракометари уште во првото полувреме ја презедоа контролата врз натпреварот и на паузата заминаа со предност од 17:13. Во продолжението ја зголемија разликата и без поголеми проблеми стигнаа до заслужен триумф.

Селекторот Горан Кузманоски им даде можност за настап на сите ракометари. Најефикасен во македонскиот состав беше Бобан Поповски со девет погодоци, додека Стефан Ѓоргиески постигна шест.

Следниот натпревар Македонија го игра во вторник, 4 август, со почеток во 12 часот, против селекцијата на Турција.

Со евентуална победа, македонските кадети ќе обезбедат пласман во разигрувањето за позициите од деветтото до 16. место. Таков исход би значел и опстанок во елитното европско друштво, место на Европското првенство во 2028 година, како и пласман на Светското првенство во 2027 година, на кое ќе настапат 15-те најдобро пласирани репрезентации од шампионатот.