Македонските ракометари по втора победа, Грција најави повлекување ако го има името Македонија

Македонската ракометна репрезентација попладнево во Кожани (16 часот) го игра вториот дуел од квалификациската група и секако амбициите на нашите ракометари се да ја „запишат“ втората победа во групата и со тоа да бидат чекор поблиску до пласман на ЕП 2020 година.

По неубедливата игра против Турција во Битола нашите ракометари се подготвени тој дуел побрзо да се заборави и да се продолжи низата победи. И селекторот Раул Гонзалез знае дека мора да се игра многу поодговорно и да се намалат техничките грешки, особено што Турција постигна дури седум голови од контри.

Македонските ракометари веќе тренираа во салата во Кожани.

Претседателот на ракометната федерација на Грција, Костас Гантис, јавно се закани дека домаќините би можеле да го напуштат теренот во Кожани доколку наидат на политичка провокација од нашиот табор односно да биде напишано името Македонија на дел од опремата на нашата репрезентација. Лани на ЕХФ шампионатот во Скопје женска младинска селекција на Грција токму тоа и го стори, го напушти теренот. Инаку, двете селекции се наоѓаат во ист хотел во градот Кожани.