Македонските ракометари ги чека спектакл во Скопје на 3 јануари

Ракометната репрезентација на Македонија ја очекуваат многу предизвици во јануари, а прв на распоредот е спектаклот на 3 јануари во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ каде што ќе се соочат македонските ракометни ветерани и актуелни репрезентативци.

Натпреварот се игра утре (03.01.2023) со почеток од 19 часот, а на турнирот ќе настапат легенди како Петар Ангелов, Стевче Алушевски, Бранко Ангеловски, Кире Лазаров, Филип Лазаров, Велко Марковски, Наумче Мојсовски и други.

Предизвиците на ракометарите продолжуваат неколку дена подоцна, кога ќе заминат за Хрватска, каде што на 6 и 7 ќе се пресметаат со домаќинот и со Израел, а тоа ќе биде последно „загревање“ пред настапот на Светското првенство (СП).

Македонија првиот натпревар го игра на 13 јануари во Краков против Норвешка, а два дена подоцна следи пресметка со Холандија и последниот дуел во групната фаза е на 17 јануари против Аргентина.