Македонската машка кадетска ракометна репрезентација продолжува со одличните настапи на Европското првенство кое годинава се одржува во Белград.

Избраниците на селекторот Горан Кузмановски денеска ја совладаа Турција со 29-27 и ја запишаа втората победа во групата од разигрувањето за пласман од 9. до 16. место.
Натпреварот започна подобро за турската селекција, која рано поведе со 8-5. Македонските кадети брзо се вратија во игра и со серија од 6-2 направија пресврт за водство од 11-10. Сепак, до крајот на првото полувреме Турција повторно ја презеде иницијативата и на паузата замина со предност од 15-13.
Во второто полувреме македонските ракометари заиграа значително поцврсто во одбраната и поефикасно во нападот. Со серија погодоци стигнаа до убедлива предност од 26-20, која успеаја да ја задржат до последниот судиски свиреж за конечни 29-27. Најефикасен во македонскиот состав беше Бобан Поповски со девет погодоци, додека голманот Ѓорги Николовски имаше одличен настап со 14 успешни интервенции.
Со победите над Италија и Турција, Македонија останува со максимален ефект во својата група и ги задржува шансите за пласман меѓу првите 12 селекции на шампионатот, што би обезбедило учество и на следното Европско првенство.