Македонската кинематографија годинава бележи силно присуство на престижните Adriatic Film & TV Awards – AFA Awards 2026, со вкупно 14 номинации во седум филмски категории, соопшти Агенцијата за филм.

Филмската и телевизиската академија на Јадранскиот регион (АФА), основана од регионални филмски фестивали, ги објави номинациите за годинешното издание на наградите, кои ги издвојуваат најзначајните филмски остварувања и телевизиски серии од регионот.
Меѓу номинираните македонски продукции најголемо присуство има филмот „Дишеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски, кој е номиниран во седум категории – за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобар дебитантски филм, како и за најдобра главна актерка за Дора Акан Златанова, најдобар главен актер и ѕвезда во подем за Ариф Јакуп.
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска има пет номинации. Остварувањето е во конкуренција за најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио, а номинирани се и Нуми Рапас за најдобра главна актерка и Никола Ристановски за најдобар главен актер. Сценариото е потпишано од Гоце Смилевски, Елма Татарегиќ и Теона Стругар Митевска.
Македонска номинација има и филмот „Павилјон“, кој е во конкуренција за најдобра главна актерка со Јасна Диклиќ.
Во категоријата за најдобар дебитантски филм е номиниран и „Фантази“, македонска копродукција на Катарина Богдановиќ – Кукла.
Со 14 номинации, македонските филмски автори и продукции се меѓу значајните претставници на регионалната кинематографија на овогодишното издание на AFA Awards.