Македонските џентлмени на мотори собраа 2.300 долари во борбата против машките болести

Македонските џентлмени на мотори, кои на 30 септември трета година по ред се приклучија на глобалното движење „The Distinguished Gentleman’s Ride“ собраа 2.300 долари кои ќе бидат наменети во борбата против рак на простата.

Околу 150 елегантно облечени моторциклисти продефилираа низ градските улици обидувајќи се да ја подигнат свеста за машкото здравје. Со тоа тие се приклучија на останатите 110.000 моторциклисти од 630 градови во 100 држави низ светот. На глобално ниво беа собрани над шест милиони долари.

Официјално е објавено и видеото од движењето во главниот град на Македонија.

Движењето започна во 2012 година во Сиднеј кога Mark Hawwa облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи во чест на негов пријател кој не ја доби битката со ракот на простатата да продефилира низ улиците. Движењето од година во година зема се поголем замав со зголемување на бројот на учесници и градови кои се приклучуваат.