Македонскиот филм „Северен пол“ ќе биде прикажан во Музејот на модерна уметност во Њујорк

„Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска, во продукција на „Кинооко“, со проекција на 25 април во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк, ќе ја има својата американска премиера во рамките на 51. издание на престижниот фестивал New Directors/New Films, кој се одржува од 20 април до 1 мај.

Повеќе од половина век фестивалот ги слави филмаџиите што зборуваат за сегашноста и ја предвидуваат иднината на кинематографијата и чии смели дела го изнесуваат на површина неочекуваното на впечатлив начин. Годинешниот фестивал ќе претстави 26 долгометражни и 11 кратки филма, вкупно 39 режисери, од кои 21 се жени, пред љубителите на филмот во кината во МоМА и центарот „Линколн“.

Филмот „Северен Пол“ досега учествуваше на повеќе од 40 интернационални фестивали и освои неколку награди, како и номинација за Европските филмски награди (EFA) и се квалификува за наградата „Оскар“.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, дизајн на шминка Горан Игњатовски, монтажер Драган вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг Кирија А. Николоска. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ од „Сервија филм“, Миодраг Поповиќ од „Форгрејд“ од Србија и Петер Шекереш од „Тиволи продукција“ од Унгарија.

„Северен Пол“ е финансиски подржан од Агенцијата за филм и од Српскиот филмски центар.