Македонскиот филм „Бунт на куклите“ прикажан во Болоња

На отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови „Il Cinema ritrovato” во киното „Џоли“ во Болоња беше прикажан македонскиот кусометражен, осумнаесетминутен игран филм од 1957 година „Бунт на куклите“ во режија на Димитрие – Рули Османли, а по сценарио на Љубе Петковски, кој воедно е и директор на фотографија, соопшти Кинотеката на Република Северна Македонија.

„Бунт на куклите“, кој по проекцијата беше награден со долг аплауз, подоцна беше проектиран и во официјалната фестивалска програма, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата на отворањето на Фестивалот на новореставрирани филмови „Il Cinema ritrovato” во Болоња е дотолку поголемо, што ова беше прв и засега единствен македонски филм проектиран на овој реномиран фестивал, информираат од Кинотеката.

Годинава, на 36-тото издание на фестивалот специјални гости беа последната дива на италијанскиот филм Стефанија Сандрели и нејзиниот сонародник, режисерот Џани Амелио, како и едно од најголемите имиња на „Новиот Холивуд“, режисерот на „Возач“ (The Driver, 1978), „Воини на подземјето“ (The Warriors, 1979), „Јужњачка утеха“ (Southern comfort, 1981) и многу други филмови – Волтер Хил, кои пред публиката се претставија со подолги интервјуа во кои разгледуваа многу прашања поврзани со нивната кариера, но и генерално со филмската уметност.

Организатор на Фестивалот е Кинотеката на Болоња.

Филмот „Бунт на куклите“, заедно со уште триесет други репрезентативни кусометражни играни остварувања од сите етапи на македонската кинематографија, Кинотеката во 2020 година дигитално ги реставрираше во Белград и во Кинотеката, а истата година беше објавено и двојазично DVD-издание со реставрираните филмови на македонски и англиски јазик насловено „Македонски кратки играни филмови“ („Macedonian Short Feature Films)“