Македонски синдром: „Те испративме со музика од дома, нема враќање назад“

Како дете мој сон беше да имам среќно семејство, гледајќи други сложни семејства, не се замислував како некоја многу амбициозна жена иако имам амбиции, не знам зошто, на прво место ми беше тоа, сликата јас, саканиот мој и дечињата како си живееме во хармонија и љубов.

За жал потфрлив во тоа што ми значеше, морав да се соочам со реалноста, оној кој го избрав излезе дека има многу различни ставови од мене, или пак му се променија во меѓувреме, ставови кои се од суштинско значење за начинот на фунционирање на едно семејство и за правата на членовите во истото.

Го сакав, но поради тие непомирливи разлики морав да се откажам од таа љубов, која стана напорна и која почна да ни ја трга насмевката од лицето. Планот за мојот живот никогаш не ми беше да бидам разведена, но ете, психички се подготвив. Во тој момент немав доволно финансии за да почнам сама со децата во нов живот, без никаква помош.

Отидов кај моите родители да им кажам која е мојата намера.... Што, зар не можеш да издржиш, па тоа ќе биде невидена срамота. Што ќе им кажам на комшиите кога ќе ме прашаат зошто си кај нас? Никако да си ги земеш децата и да си се вратиш ние од дома со музика те испративме, нема враќање назад. Татко ми почна силно да се притиска за срце, леле ќерко немој знаеш не сум добар со здрвјето. Сакаш да ме умреш?

Занемена, со солзи во очите ги погледнав и прашав: Зар ќе ме оставите да страдам? Двајцата молчеа. Си ги земав децата и се вратив. Бракот беше мрак, секој ден беше полош од предходниот....

Од срамот кој што ќе рече, си ја уништив среќата. А, моите родители тоа го гледаа...