Македонски работнички права: 70% од вработените тврдат дека не се почитува Законот за минимална плата

Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските   Текстилец од Штип пред месец дена направи истражување со околу 200 работници од повеќе градови, од кое се добива прецизна слика што работниците  мислат за Законот за минимална плата и дали истата ја добиваат, пренесува Фактор.

„По повод денешниот ден 1 Мај- Меѓународниот ден на трудот, овие резултати покажуваат дека македонскиот работник е во очајна состојба.

На прашањето „Дали се почитува Законот за минимална плата?“, 30.9 проценти одговориле потврдно, а 70.2 проценти одговориле со „не“.

„Дали секој месец добивате листови за плата?“ е следното прашање на кое со „да“ одговориле 53.7 проценти, а 46.8 проценти со „не“.

За тоа дали во фирмата е утврден учинокот односно нормата, со „да“ одговориле 50.8 проценти, а со „не“ 50.3 проценти.

Во однос на тоа дали им е зголемено работното време, со „не“ одговориле  58.3 проценти, додека потврдно одговориле 42.8 проценти.

Од анкетираните работници, 26.7 проценти одговориле дека минатиот месец имале плате од 9000 до 9999 денари, 11.8 проценти земале плата од 10.000 до 10.999 денари, 15.5 проценти имале плата од  11.000 до 11.999 денари, 17.1 процент добиле од 12.000 до 12.999 денари, а 9.6 проценти од  13.000 до 13.999 денари. Само 7 проценти од испитаниците кажале дека земале плата од  14.000 до 14.999 денари, додека над 15.000 денари заработиле 12.3 проценти.“ – стои во текстот на порталот.

Дури 78.9 проценти кажале дека не им е соодветно платена работата за празник и во сабота, а 17.3 проценти одговориле дека е соодветно платена.

26.7 проценти рекле дека се приморани дел од платата да вратат кај работодавецот, додека 73.8 проценти кажале дека тоа не го прават.

Во забелешките работниците навеле дека состојбата е катастрофална  и дека платите мора да се зголемат.