
По сериозен вооружен инцидент кој се случил во четвртокот на 5 март, македонски државјанин бил уапсен во Швајцарија.
Според полициските информации, 34-годишниот осомничен, од автомобил пукал кон група луѓе, по што следела вистинска драма низ улиците.
Настанот се случил околу 13:10 часот, во индустриската зона на градот Егл (Aigle).
Осомничениот од своето возило испукал најмалку еден куршум во близина на мала група мажи кои стоеле пред јавен локал и веднаш по пукањето, сторителот дал во бегство. Две лица од нападнатата група веднаш влегле во автомобил и започнале потера по него сè до местото Бекс, каде што му ја изгубиле трагата.
Првичните информации од надлежните укажуваат дека мотивот за пукањето е претходна меѓусебна расправија, а за среќа, во целиот настан нема повредени лица.
По губењето на трагата, швајцарската полиција покренала огромна потрага, при што македонскиот државјанин конечно бил лоциран и уапсен во местото Шател-сур-Бекс.
Тој инаку немал пријавено живеалиште во Швајцарија.
Тамошното обвинителство против него веќе отворило официјална кривична истрага со цел целосно расчистување случајот. Во меѓувреме, за 34-годишниот осомничен е поднесено барање за одредување мерка притвор.