Македонски доктори во Германија: Ова е ветена земја за нашата професија

Не се знае точната бројка на докторите кои ја напуштаат нашата држава на годишно ниво. Најчеста дестинација е Германија, каде едуцираните и вредни доктори се многу добро прифатени највеќе поради недостатокот на работна сила од оваа професија. 

Тимот на Скопјеинфо неодамна имаше можност да разговара со еден од докторите кои живеат во малиот, но преубав град Падерборн. Тој е еден од младите доктори кој воопшто не размислувал дали сака да ја проба својата среќа во Македонија, но не бидејќи не ја сака нашата држава, туку бидејќи се изнаслушал приказни колку е тешко да се успее како доктор во Македонија.Вели дека пресуден фактор за неговата одлука за заминување биле позитивните искуства на неговите колеги кои заминале претходно. Од друга страна, тој немал познато име и презиме, а и неговите немале премногу финансии за да му овозможат специјализација во Македонија. 

Младиот Дарко вели дека ништо не му недостасува таму. Не само што не му недостасува, туку тој има одличен стан за себе и своето семејство, почитуван е и има солиден круг на пријатели. Вели дека тоа што за 2 години го постигнал во Германија, би му биле потребни многу години во Македонија. 

„Не е сосема мед и млеко. Треба да се разбере и почитува системот. Треба добро да се научи јазикот и да се остави семејството во Македонија, но тоа што со сигурност го имаш е дека постигнуваш успех онолку колку што се трудиш. Таму не е важно името и презимето, не е важно дали од центарот на Скопје или Куманово или Виница, важен е личниот ангажман и желбата да се докажеш. Навистина се работи многу, но можеш да испланираш солиден одмор, но и да размислуваш за станбеното прашање и проширување на семејството без да се плашиш дека нема да можеш да ги платиш сметките.˝ Се шегува дека Падерборн е како мал Балкан каде секој тргнал по својата среќа. Вели дека сите кои ги познава се среќни и опуштени. 

Според Дарко, германскиот систем е различен од македонскиот по тоа што нуди голема слобода во изборот на специјализација, условите за работа, но и методите на работа се различни. Покрај тоа, системот е генерално добро организиран и секогаш пациентот е на прво место. За сериозните случаи, се пристапува со големо внимание и иако секогаш има пациенти кои умираат, сепак докторите се оние кои вложуваат натчовечки напори за да спасат еден човечки живот.

На прашањето дали некогаш би се вратил во Македонија, тој одговара со кисела насмевка. Прашува „Зошто би се вратил?” Ние не можевме да смислиме добар одговор на ова прашање. Можеби некој друг ќе може.