Македонски алтернативни награди наредниот викенд во Градски парк

Второто издание на Македонски алтернативни награди ќе се одржи идниот викенд (28.05) во Градскиот парк, на култната „Школка“. Манифестацијата има за цел да додели признанија на уметници од алтернативната музичка сцена. Покрај признанијата, настанот ќе има и промотивен карактер за нови перспективни музички бендови и артисти. Наградите се доделуваат исклучиво според гласовите на публиката која може да гласа он-лајн преку веб-порталот на БлаБла ТВ. 

Покрај за музичари, награди ќе се доделат и за најдобар тату и графити артист, промотор на македонската алтернативна култура надвор од земјава, најдобар алтернативен фестивал и најдобар алтернативен музички филм. За добитници на наградите во повеќе од 15 конкуренции номинирани се преку 100 различни уметници и друштва.

Највредна награда што ја доделуваат организаторите, сигурно е онаа за животно дело, а оваа година според најавеното таа ќе му припадне на Игор Џамбазов, кој исто така заедно со Гуру Харе и Гиш ќе одсвират неколку песни. 

Целата манифестација ќе биде во духот на алтернативното живеење и урбаната култура, па посетителите ги очекува широк репертоар на нашите најдобри алтернативни музичари.