Ракот на грлото на матката во Македонија е второ малигно заболување и втора причина за смрт од рак кај жените, по ракот на дојката.
Кај нас, секоја година од рак на грлото на матката заболуваат по околу 300 жени, а приближно една половина од нив умираат како последица на оваа болест.
Почетокот на оваа болест е без симптоми и се нарекува предракова состојба. Појавата на првите симптоми се веќе знак за помалку или повеќе напреднат процес, а тоа се нечист, жолтеникав вагинален исцедок, повремено со примеси на крв како и мали крвавења после сексуален однос.
Речиси секој случај на рак на грлото на матката може да се спречи со редовни гинеколошки прегледи (ПАП-тест или ХПВ тест), како и примарно со вакцината против ХПВ.
ПАП-тестот може да открие дали постојат клеточни промени предизвикани од ХПВ-вирусот и предмалигни состојби.
Македонските гинеколози велат дека има жени, девојки, кои никогаш не биле на гинеколог и никогаш не направиле ПАП-тест или ХПВ-тест.