
Ако една држава се препознава по своите политички и економски атрибути, тогаш таа дефинитивно се памети по својата култура. Тоа е колективната меморија, системот на вредности, начинот на кој едно општество размислува за себе и за својата иднина. За жал, ние веќе со децении сведочиме на постепено слабеење на на македонската културна мисла, која станува јалова и не продуцира квалитет, а со тоа влијае кон создавање на криза на националниот идентитет.
пишува: Виктор Јакимовски, политиколог
Од една страна, се почесто имаме уметници кои творат дела „за извоз“, со намера да ги пласираат најчесто на Запад. Таквите дела не му се блиски на обичниот Македонец, ниту пак соодветствуваат со реалноста во кој тој живее или па кон некоја трансцедентност кој која тој се стреми. Дополнително, имаме дел од уметничката сцена која постепено се затвори во сопствени кругови и наместо своето творештво да го доближи до пошироката публика, таа создаваше уметност која комуницира исклучиво со тесен круг колеги и професионалци, со што се изгуби контактот со обичниот човек.
Но, за волја на вистината, ова не е едностран процес, ниту тој се случил преку ноќ, а ниту пак за него е виновен само еден актер. Напротив, тоа е производ на долгогодишно потфрлање на повеќе актери.
Отсуството на долгорочна национална културна стратегија, проследена со дисконтинуитет, кој, со секоја политичка промена носеше нови приоритети, а културата беше третирана како четиригодишен политички циклус, а не како процес што бара децениско планирање, е само еден во низата. Националните театри, музеи, библиотеки, архиви и културни центри постепено ја изгубија улогата на интелектуални центри, кои нместо да бидат места каде што се создаваат нови идеи и се развива современа културна мисла, тие функционираат како административни установи кои преживуваат од година во година. Но, културата не започнува во музејот, туку во училиштето. Кога младите растат без навика да читаат книги, да посетуваат театри, изложби и концерти, тогаш државата постепено создава генерации кои немаат развиени културни потреби. Уметноста и критичкото размислување останаа на периферијата на образованието, а наставата премногу често се сведува само на сувопарно меморирање факти.

Во таа насока, културата треба да ја разбереме како екосистем, во кој, кога државата не инвестира, институциите стагнираат, уметниците се демотивираат, медиумите не ја промовираат, образованието не создава публика, а граѓаните престануваат да ја консумираат - резултатот е постепено културно осиромашување на целото општество. Па, доколку тргнеме од претпоставката дека една држава има легитимен интерес да го зачува и развива сопствениот национален идентитет, тогаш културата не е само сектор – таа е инфраструктура на идентитетот. И најголемата опасност за еден национален идентитет не е надворешниот притисок. Историјата покажува дека многу народи преживеале окупации, војни и асимилациски политики. Поголемата опасност е внатрешната рамнодушност. Кога една нација престанува да создава нова култура, нејзиниот идентитет постепено се претвора во музејски експонат – нешто што се слави на празници, но не се живее секој ден.
Нашиот идентитет, „Македонството“, не опстојува само преку Уставот и институциите на државата. Тој опстојува ако секоја генерација повторно го открива, преиспитува и го живее преку јазикот, литературата, музиката, филмот, архитектурата, обичаите и современото творештво. Националниот идентитет не треба да се сфати како нешто статично. „Македонството“ не е само наследството од минатото, туку е и она што денешната генерација ќе му го остави на идното поколение. Ако денес не создадеме значајни книги, филмови, музика, архитектура, научни и културни достигнувања, тогаш идните генерации ќе имаат сè помалку современи темели врз кои ќе го градат својот идентитет.
И во овој процес, улогата и одговорноста кај сите општествени актери е засебна, но поеднаква, и најважно, взаемно испреплетена.
Државата треба да биде таа што го штити јазикот, културното наследство и институциите. Но, ако тоа е единственото што го прави, идентитетот останува фиксиран во минатото, бидејќи идентитет не е нешто што може да се „конзервира“, туку неговото зачувување се одвива активно преку создавање на нови дела кои ќе зборуваат на современ македонски јазик и ќе ја раскажуваат современата македонска приказна.
Уметниците, пак, имаат уште поголема задача, затоа што тие не се само производители на уметност, туку тие се и производители на национална имагинација. Романите што ќе ги читаат младите, филмовите што ќе ја претставуваат Македонија, музиката што ќе ја препознаваат новите генерации – сето тоа постепено ја обликува претставата за тоа што значи да се биде Македонец во 21-от век. А ако уметничката сцена не создава дела со висока вредност, тогаш тој простор ќе го пополнат туѓи културни производи.
Од друга страна, образованието е тоа кое одлучува дали идентитетот ќе биде наследство или само информација. Ако ученикот знае само важни датуми, а никогаш не прочитал нешто од Блаже Конески, Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Богомил Ѓузел и многу други, или пак не посетил театар или музеј, тогаш идентитетот останува декларативен.
Не треба да се потцени и одговорноста која ја имаат и медиумите, бидејќи тие одлучуваат што ќе стане колективна меморија. Ако јавниот простор е исполнет исклучиво со сензационализам, тогаш културните достигнувања исчезнуваат од јавната свест, а нацијата почнува да ги памети скандалите и општествениот „талог“, а не своите творци.

Македонија денес нема проблем само со културата. Таа има проблем со тоа што нема заедничка културна цел. Во минатото, генерациите имале чувство дека градат држава, јазик, институции и национален идентитет. Денес, тоа чувство е ослабено. Затоа, она што во моментов би било од најнужна важност, е создавање на една нова национална мисија која би имала една и единствена цел - да одговри на едно суштинско прашање: Што сакаме светот да знае за Македонија за 20 до 30 години отсега?
Се потоа би произлегло од одговорот на ова прашање. Ако сакаме да бидеме препознатливи по литературата – инвестираме во писатели и преводи. Ако сакаме да бидеме препознатливи по филмот – создаваме филмски фонд со јасни критериуми. Многу важно е и што, во овој контекст, секој би добил своја улога: државата обезбедува стратегија > уметниците создаваат > образованието воспитува публика > медиумите ја афирмираат културата > компаниите инвестираат преку спонзорства > граѓаните стануваат активни учесници.
Но, постои уште една, веројатно, поважна работа. Македонија треба да престане да ја сфаќа културата како „Министерство“ и да почне да ја сфаќа како државен проект. Тоа значи дека Министерството за образование, Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, локалната самоуправа, туристичкиот и бизнис сектор мора да работат заедно, затоа што културата не создава само идентитет, туку таа создава и туризам, меѓународен углед, креативни индустрии, работни места и општествена кохезија.
И мораме да проголтаме кнедла и да си признаеме дека нам денес ни недостига голем културен оптимизам, затоа што јавниот дискурс предолго е насочен кон тоа што се сме изгубиле. Една нација не се обновува само преку одбрана на своето минато, туку преку верба дека повторно може да создаде нешто големо и во иднина. Тоа не е културна политика - тоа е политика на државна самодоверба.
Или за крај, во две реченици да си го доловам претходно кажаното, ќе го цитирам Никола Вапцаров: „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“.