
Пред два дена официјално беше стартувана дигиталната библиотека „Македонска држава“. Во моментов, таа е најголемата дигитална библиотека за македонското историско наследство и веќе брои повеќе од 300 поставени примероци на електронски книги, историски документи и истражувања кои опфаќаат повеќе од 150 години македонска историја, култура и поезија.
Во интервју за Скопје Инфо, основачот Антонио Илијевски вели дека Денот на независноста бил симболично избран за официјалниот старт на првата дигитална платформа посветена на македонското културно и историско наследство.
Со Антонио Илијевски, основачот на дигиталната платформа „Македонска држава“ разговараме за неговата страст кон историските записи и желба тоа наследство да го направи достапно за сите љубители на македонската историја и култура. Илијевски е ентузијаст кој кога почнал да работи на платформата, длабоко во себе верувал дека платформата, покрај вљубениците во пишаниот збор, ќе привлече и стручна јавност - студенти, млади истражувачи, историографи и сите љубители на историјата која ќе ги користи материјалите во својата работа.

Антонио вели дека досега немало македонска дигитална библиотека која на сеопфатен и аналитички начин ја претставува нашата историја, процесите, настаните и развојот на македонската држава, народ и нација. Повеќето македонски дигитални библиотеки се државни и најчесто се сведуваат на документи без поширок наратив или критички осврт. Од друга страна, соседните земји веќе имаат развиени дигитални платформи преку кои ја толкуваат и нашата историја низ сопствената призма, што често доведува до искривена перцепција кај јавноста. Сето ова придонело да се појави и идејата за за создавање платформа која ќе понуди објективен и аргументиран пристап кон македонското историско наследство, вели Илијевски.
„Јасно ми е дека со оваа иницијатива дадовме ново руво на културното наследство, правејќи ја историјата достапна за секој што е пред екран со само еден клик“, истакна основачот на „Македонска држава“
Антонио вели дека во библиотеката ќе бидат опфатени книги, весници, списанија, разгледници, архивски документи и фотографии.
„Целта е да се создаде богат и разновиден фонд кој ќе ја прикаже македонската историја без филтри и ограничувања“, посочи тој.
Материјалите вели дека ги прибираат од различни извори, меѓу кои се државните архиви, библиотеките и музеите, а додава и дека имаат и примероци од приватни колекции.
„Веќе поседуваме значаен обем на сопствена збирка на книги, весници и списанија, а идејата е платформата да биде отворена за сите кои имаат материјали на кои местото им е во нашата библиотека. Односно, „Македонска држава“ е место каде што поединци ќе можат да придонесат со дигитализација на сопствените материјали“, потенцира Антонио.
На прашањето на Скопје Инфо, како би се обезбедила автентичност и проверка на изворите на историските материјали, Антонио вели дека при обезбедубање на автентичност, прибираат повеќе примероци од истата публикација, но од различни извори.
„На тој начин се избегнуваат можни фалсификати или извадени контексти. Иако иницијативата е приватна и ресурсите се ограничени, максимално се внимава на проверка и вкрстување на изворите“, објаснува тој.

Илијевски истакна дека проектот е отворен за вклучување на студенти, млади истражувачи, историографи и сите љубители на историјата. Вели дека веќе постои соработка со ентузијасти кои активно придонесуваат преку дигитализација на книги и публикации од нивните лични колекции.
Исто така, нагласи и дека се отворени за соработка со сите институции, организации и дигитални платформи, без разлика дали се во Македонија или во странство.
„Постојат безброј документи и публикации за Македонија кои се расфрлани низ светот, и меѓународната соработка е од суштинско значење за нивно пронаоѓање и споделување“, посочува Антонио.
На нашето прашање, каква улога ќе има дигитализацијата во зачувувањето на македонското културно и историско наследство за идните генерации, основачот на „Македонска држава“ вели дека таа е клучна за зачувување на културното и историското наследство.
„Со неа се заштитуваат оригиналните материјали од можното распаѓање, оштетување или губење на истите. Наместо да останат затворени во архиви кои се достапни само за мал број истражувачи, тие стануваат јавни и достапни за секого. Покрај заштитата, дигитализацијата отвора можности за подлабоко и посеопфатно разбирање на историјата. Преку поврзување на повеќе извори и нивно споредување, идните генерации ќе можат појасно да ја согледаат македонската историја и да ги разликуваат различните наративи што се појавувале низ времето. Таа има и силна едукативна улога затоа што дигиталните алатки, пребарувачите, базите на податоци и тематските збирки им овозможуваат на учениците, студентите и истражувачите не само да ја проучуваат историјата, туку и критички да ја анализираат. На овој начин, дигитализацијата станува мост помеѓу минатото и иднината, обезбедувајќи нашето македонско наследство да остане живо и достапно за сите“, објаснува Антонио.
За крај тој вели дека не очекуваат големи предизвици, бидејќи работат со ентузијазам и посветеност, но дека секоја поддршка, особено преку донации или волонтерска помош би ни овозможила побрзо и пообемно да ја реализираме замислената мисија.
В.Ј.