Македонската група за традиционални песни „Перија" ја воодушеви публиката во Тулон, Франција

Групата „Перија", која изведува традиционални македонски песни, со својот настап ја воодушеви публиката во францускиот град Тулон.

Како што објави тулонскиот локален весник „Стар Вар", со настапот на група „Перија", која беше на поминување низ Тулон, пубиката имаше огромната чест да ја открие прекрасната музика што доаѓа од Македонија.

Четирите талентирани уметнички патуваат од град до град, а нивната конечна дестинација ќе биде на југот од Франција во Арл, пред да заминат во нови авантури. Оваа група е вистиски „скапоцен камен", чии членки со блескавите гласови кои одекнуваат од легендите на нивната земја и нивната култура, повикуваат на патување по македонските планини, пишува „Стар Вар".

Според весникот, „Перија" за време на нивната турнеја се претставува пред публиката на улиците на повеќе градови во Франција, со цел да им се дозволи на сите да споделат еден момент на среќа.