Македонската дипломатија на „координација“ во Скопје - Денес и утре се одржува Амбасадорскиот совет

Денеска и утре во Скопје се одржува Амбасадорскиот совет, на кој ќе учествуваат шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство.

По пауза од неколку години, Советот повторно се организира во земјава со физичко присуство на македонските амбасадори и генерални конзули. Последен пат ваков собир во земјава се одржал во 2019 година.

На отворањето свои обраќања ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка, кој е во официјална посета на земјава.

Во рамки на дводневниот состанок ќе се разговара за европската и евро-атлантската агенда, актуелните геополитички и безбедносни предизвици, регионалната стабилност, институционалната отпорност, економската дипломатија и конзуларното работење.

Особено внимание ќе биде посветено на економската дипломатија, при што од македонските дипломатско-конзуларни претставништва се очекува поголем ангажман во привлекувањето инвестиции, поддршката на извозот и отворањето нови деловни можности за македонските компании.

На дневен ред се и модернизацијата и дигитализацијата на конзуларните услуги, унапредувањето на институционалната координација и комуникацијата со македонската дијаспора.

Амбасадорите и генералните конзули ќе имаат и средби со претседателката на државата, премиерот и претседателот на Собранието.

Министерот Муцунски најави дека целта на Советот е да се направи пресек на досегашната работа, да се усогласат ставовите и да се утврдат конкретни задачи за дипломатската мрежа во периодот што следува.