„Македонска приказна“ вечерва го затвора фестивалот „Гола месечина“

Театарот за деца и младинци вечерва со изведба на театарската претстава на Боњо Лунгов ќе го затвори натпреварувачкиот дел на манифестацијата „Гола месечина“. Интернационалниот фестивал на комедијата се одржува по трет пат во организација на театарот „Комедија“, а со поддршка од Општина Аеродром.

По изведбата на претставата, тричлената жири-комисија составена од Лилјана Мазова, Славен Видак и Димче Николовски ќе одлучува за доделувањето на наградите. Одлуките ќе бидат соопштени утре. Ќе бидат доделени награди за надјобра машка и женска улога, најдобра режија и Гран-при за најдобра претстава. Последната фестивалска вечер ќе му припадне на театарот-организатор „Комедија“ со претставата „Нешто пропуштаме“. На овогодинешното издание публиката во СЦ „Ново Лисиче“ имаше прилика да погледне изведби на низа претстави од страна на домашни и театри од соседството. Гости беа Народен театар Сараево, Белградски драмски театар, НТ Војдан Чернодрински од Прилеп, Народен театар Охрид, Народен театар Ниш и Театар за деца и младинци - Скопје.