Македонска навика: Да си ја гледаме нашата работа, ама да видиме и што прави комшијата

Такви сме ние Македонците. Сакаме никој да не ни се меша во ништо, да си ја гледаме нашата работа, ама повремено да видиме и што се случува кај комшијата.

Ние имаме убав автомобил, ама и комшијата неодамна купи нов. И ние правевме зимница минатиот викенд, ама и од кај комшиите мириса на пиперки.

Добри луѓе се комшиите, ама секој од нас си има по некој таков, кој знае се што се случува во соседната куќа. Кој во колку излегува, кој во колку доаѓа дома. Кој ќе пере алишта во понеделник, а кој во недела. Која девојка ја довезуваат пред врата, а кое момче, секоја вечер од дома испраќа по некоја нова девојка.

Се знае која куќа каков ручек ќе прави денеска, ако не друго по миризбата се познава.

Задолжително е гледањето во кеси, да се види кој што купил од маркет.

Од каде му се парите за да реновира дома? Како можат секоја година да одта на одмор, па и тие земаат плата колку ние што земаме? Секоја вечер им доаѓаат гости... Се само многу мал дел од прашањата кои често си ги поставуваат комшиите.

Но, како и да е, добро е да имаш комшии. Се наоѓаат и кога ќе сечеш дрва, и кога ќе правиш зимница, ако не друго ќе ти прават муабет.