Македонисимо го крена Лондон на нозе

Најновиот проект со музика од Македонија, насловен “Македонисимо”, во изведба на македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески и пријателите, завчеравечер доживеа стоечки овации во најпрестижната светска сала за камерна музика, лондонскиот Вигмор Хол, која беше исполнета до последното место.

Настанот се случува по големиот успех кој проектот претходно го доживеа во Лудвигсбург и Љубљана. Македонскиот изведувачки тим преводен од македонскиот виртуоз на пијано Симон Трпчески во петокот, пред величествениот настап во лондонскиот Вигмор Хол (21 јануари) гостуваше во живо и во легендарната радио емисија “In Tune” (Во мелодија) на харизматичниот водител Шон Раферти, на Радио Би-Би-Си 3, изведувајќи фрагменти од “Македонисимо”.

Трпчески, пак, кој во оваа сала го имаше и своето меѓународно деби, а во оваа сезона во салата е и водечки артист со три различни концертни програми, не го криеше своето задоволство:

“Токму синоќешниот (21 јануари) беше мој прв настап во оваа календарска година и мина фантастично. Проектот што го нареков “Македонисимо#, односно “ептен македонско” и му го посветив на мојот македонски народ; и на пребирливата, не само британска публика и ја претстави оваа нова димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов. Со оваа изведба тој, на свој начин, одбележа 20 години од својот творечки период минат токму во Велика Британија, каде што живее, твори и предава. Драго ми е што обезбедив и можност за квалитетна снимка на “Македонисимо”. Искрено се радувам за убавиот прием и стоечките овации и едвај чекам проектот да се изведе и на другите дестинации низ светот каде што се надевам дека ќе успеам да го претставам”, истакна Трпчески.

Покрај него на концертот настапија и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција), потоа на кларинет, саксофон и на кавал специјално Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките застана Влатко Нушев од оркестарот на Македонската опера и балет.

Македонската амбасада во Обединетото Кралство пред концертот на пијанистот Трпчески и македонските музичари организираше прием во Вигмор Хол во чест на британската премиера на “Македонисимо”.

Следуваат Полска, Франција, Бугарија, Холандија…

Како следни, Трпчески ги најави концертните изведби на “Македонисимо” и во Полска, Франција, Бугарија, Холандија и повторно Велика Британија. Во меѓувреме, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, кој од неодамна е ексклузивец на германскиот менаџмент КДС (Концертдиректион Шмид) е еден од водечките европски менаџменти со седишта во Берлин, Хановер и Лондон), веќе в петок настапува во финската престолнина како солист на Хелсиншкиот филхармониски оркестар во изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Ф. Лист, а под диригентската палка на неговиот добар познаник Алан Бурибаев од Казахстан.

Потоа следат двата рецитала во Шангај и Пекинг, Кина, како и во Острава во Чешка, но и враќањето со 4 концерти на матичната сцена на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско во март.