„Македонијо во срце те носиме“ со завршен концерт во Филхармонија, средствата од влезниците ќе бидат наменети за хуманитарни цели

Музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“ кој имаше за цел да ги возобнови македонските патриотски песни, по 18 успешни концерти низ цела Македонија, својот завршен концерт ќе го има на 7 декември во Македонската филхармонија, во придружба на голем симфониски оркестар.

Концертот е закажан во големата сала на Филхармонија во придружба на голем симфониски оркестар и под диригентската палка на Сашо Татарчевски. Она што е ново, како што беше соопштено на денешната прес-конференција е дека освен веќе добро познатите 12 преработки на патриотски песни, публиката ќе има можност на сцената да види и да чуе уште три нови.

Промена во однос на имињата кои беа дел од турнејата, а во чии рамки се одржаа 18 концерти ширум земјава и еден за нашинците во дијаспората, нема да има, односно трите најавени нумери ќе бидат отпеани од некои од нив.

Од Скендеровски продукција откриваат дека сите средства од продажбата на влезниците за завршниот концерт, ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Инаку, влезниците ќе се продаваат преку мрежата на www.kupikarta.com по цени од 1000 и 1400 ден.

„На 7 декември со почеток од 20 часот дојдете во Филхармонија и бидете дел од „Македонијо во срце те носиме“ за уште еднаш да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставиле генерациите пред нас“, порачуваат организаторите.