Македонија тргнува во европската битка: На стартот против светскиот вицешампион во Софија

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва ја започнува својата нова европска приказна, но патот до успехот веднаш носи исклучително тежок предизвик.

На спротивната страна ќе биде Бугарија – светскиот вицешампион и ко-домаќин на Европското првенство. Натпреварот ќе се игра во софиската арена „8888“, каде што се очекуваат полни трибини и огромна поддршка за домашната селекција.

За Македонија ова е четврто последователно учество на континенталниот шампионат. По настапите во 2019, 2021 и 2023 година, македонските одбојкари повторно се меѓу најдобрите европски селекции, со желба да направат уште еден чекор напред.

Предводени од капитенот Никола Ѓорѓиев и селекторот Јошко Миленкоски, Македонците веќе имаат искуство со големи натпревари и со атмосферата што ја носи европската сцена.

Македонија дебитираше на Европското првенство во 2019 година, кога на стартот загуби од Финска со 3:1.

Истата репрезентација беше противник и на почетокот од турнирот во 2021 година. Во Тампере, пред домашната публика, Финска повторно славеше со 3:1. А потоа дојде 2023 година и настапот пред домашната публика во Скопје.

Во преполната сала „Борис Трајковски“, Македонија ја совлада Данска со 3:1 и со победата го отвори патот кон историски пласман во осминафиналето. Тој успех покажа дека македонската репрезентација може да игра под притисок и да се носи со сериозни европски противници.

Сега пред неа е уште еден голем тест.

Бугарија има сè на своја страна

Домашен терен, полна арена и статус на светски вицешампион.

Бугарија во натпреварот влегува како голем фаворит, а атмосферата во Софија се очекува да биде дополнителен фактор во корист на домаќинот. Но, токму во вакви натпревари Македонија сака да покаже дека разликата во рејтингот не мора да значи и лесен натпревар.

Селекторот Миленкоски бара од своите играчи да не се оптоваруваат со името на противникот.

„Најважно е да играме како што знаеме, да не се оптоваруваме со името на противникот и противничките играчи и со ладни глави да влеземе во натпреварот“, порача македонскиот селектор.

Миленкоски очекува неговите избраници да го дадат максимумот и да ја одиграат најдобрата можна одбојка.

Силна група, мал простор за грешка

Македонија е во групата Б, заедно со Бугарија, Полска, Украина, Израел и Португалија.

Полска пристигнува како актуелен европски шампион, па групата е една од најсилните на првенството. Само четири репрезентации ќе продолжат во нокаут-фазата, што значи дека секој освоен сет и секој бод може да има големо значење.

По дуелот со Бугарија, Македонија ќе ги очекуваат уште четири натпревари, меѓу кои особено важни за борбата за пласман понатаму би можеле да бидат оние против Израел и Португалија.

Но, првиот предизвик е најголемиот. Во Софија Македонија ќе излезе пред една од најбучните европски публики, против селекција која неодамна стигна до светското сребро. Натпреварот ќе го судат Доминга Лот од Италија и Чанер Чилдир од Турција.